Најнова анкета на Галуп покажува дека поддршката за претседателот Доналд Трамп изнесува 46 проценти, што е највисоко за време на неговото досегашно претседателствување.
Некои републиканци сметаат дека е време Трамп да ја остави зад себе истрагата за руското мешање на изборите на специјалниот советник Робер Мулер.
Сепак се чини дека ниту Трамп ниту демократите не брзаат да го стават прашањето настрана.
При посетата на Флорида претседателот Трамп ги потсети своите поддржувачи за исходот од извештајот на Мулер.
„Видовте што се случи? Немало соработка. Немало опструкција. Нема ништо!“ кажа Трамп.
Републиканците: Време е за придвижување напред
Републиканците во Конгресот сметаат дека е време државата да продолжи напред.
„Готово е. Можам да разберам зошто нашите пријатели од спротивната политичка партија се разочарани. Тие две години се обидуваа да најдат начин да ги поништат изборите во 2016-та година“ кажа лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел.
Демократите, меѓу кои и водачот на малцинство во Сенатот Чак Шумер велат дека претседателот и неговите републикански сојузници немаат интерес да спречат можен руски напад врз американскиот изборен систем во 2020-та година.
Демократите на Конгресот, исто така, ветија дека ќе го зголемат притисокот за надзор и дополнителни истраги.
Надзорна криза
Во четвртокот, спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси кажа дека се согласува со ставот на некои од нејзините сопартијци дека државата се соочува со „уставна криза“ поради отпорот на администрацијата на Трамп за спроведување на конгресен надзор, особено по барањата од демократското мнозинство.
Но, исто така е јасно дека демократите остануваат поделени околу тоа дали да покренат процес на импичмент на претседателот Трамп.
Републиканците кои го контролираат Сенатот се против секаков обид за импичмент, смета правниот експерт од Универзитетот во Мајами, Дејвид Аврам.
„Процедурата за отповикување нема никаква поддршка од републиканците.“ смета тој.
Кампањска борба
Многу аналитичари сметаат дека истрагата за Русија е далеку од завршена и може да биде дел од претседателската кампања следната година како важно политичко прашање.
И републиканците и демократите очекуваат Трамп и понатаму да потенцира дека истрагата за Русија била неоправдана.
Од друга а страна се очекува демократите да продолжат со сослушувањата и крајот ќе мора да донесат одлука дали да покренат импичмент за претседателот Трамп.
Но, на крајот американските гласачи се оние кои ќе дадат конечна пресуда за владеењето на претседателот Трамп кога ќе излезат на гласање во ноември 2020-та година.
Facebook Forum