Пентагон ќе ја брифира Белата куќа за можноста да бидат испратени илјадници американски трупи на Блискиот Исток, изјавија официјални претставници на САД.
Барањето за дополнителни трупи дојде од Централната команда на САД и ќе биде претставено денеска во Белата куќа, велат официјалните претставници кои сепак побарале анонимност, бидејќи плановите не се формализирани, пренесуваат медиумите.
Не е јасно дали Белата куќа ќе одобри испраќање на сите или само на некои од бараните одбранбени сили, како и дополнителни ракетни батерии и повеќе бродови.
Пентагон одби да коментира за идните планови. „Што се однесува до долгорочната политика, нема да дискутираме или шпекулираме за потенцијалните идни планови и барања“, изјави во средата портпаролката на Пентагон, Ребека Ребарич.
Тензиите меѓу Техеран и Вашингтон ескалираа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја објави својата одлука да се обиде да го намали извозот на нафта од Иран на нула и да го засили военото присуство на САД во Заливот, како одговор на, како што вели, иранските закани.
И покрај ваквата реторика, минатата недела Трамп му рече на вршителот на должноста секретар за одбрана, Патрик Шанахан, дека не сака да оди во војна со Иран.
Испраќањето дополнителни американски војници во регионот ќе значи промена во позицијата за Трамп, кој во неколку наврати изјави дека сака да го намали бројот на американските војници во регионот.
Во декември минатата година, Трамп го објави повлекувањето на 2.000 американски војници од Сирија. Но, во февруари, тој одлучи таму да задржи околу 400 американски војници.
Facebook Forum