Американскиот претседател Доналд Трамп, на Твитер напиша дека планираните повисоки царини за увозот на алуминиум и челик, може да бидат повлечени само ако се постигне „нов и фер“ трговски договор со Канада и Мексико.
Трите држави во моментов водат преговори за Северноамериканскиот договор за слободна трговија, познат како НАФТА.
Освен за царините за челик и алуминиум, Трамп рече дека во новиот договор, Канада „ќе мора да се однесува подобро и со нашите фармери“ и дека Мексико мора да стори повеќе во борбата против наркотиците, кои завршуваат во САД.
Канада е најголемиот трговски партнер на САД и минатата година извозот на алуминиум изнесувал 7,2 милијарди долари, а на челик 4,3 милијарди долари.
Тарифите исто така ќе ги погодат и другите американски сојузници, Велика Британија, Германија, Јужна Кореја, Турција и Јапонија. Но, Кина, најголемиот светски производител на челик, извезува само 2 процента од производството во САД, и ќе биде помалку погодена од одлуката.
Советникот за трговија на Белата куќа, Питер Наваро, изјави дека Трамп не планира да исклучи ниту една земја од зголемувањето на царините.
Тој за „Си-Ен-Ен“ изјави дека конечната одлука за царината увозот на челик од 25 проценти и на 10 проценти на алуминиум, треба да бидат финализирани подоцна неделава или на почетокот на следната недела.
Facebook Forum