Јордан, Чад и Кувајт се подготвуваат да го ратификуваат најновиот мултилатерален Договор за олеснување на трговијата на Светската трговска организација, со што ќе има доволно за тој да биде официјализиран. Во интервју за Ројтерс, првиот човек на организацијата Роберто Азеведо кажа:
„Мислам дека во историјата на Светската трговска организација, од 1995-та година наваму, ова е најголем мултилатерален договор, кој навистина ќе има влијание.“
Една од првите извршни наредби на претседателот Доналд Трамп беше повлекување на САД од Транс-пацифичкиот трговски договор. Тој исто така сугерираше несигурна иднина на Северно-американскиот трговски договор НАФТА, па дури и преиспитување на принципите на кои се заснова светскиот трговски режим.
Вилбур Рос, кого Трамп го номинираше за раководител на Одделот за трговија пред сенаторите кажа:
„Не сум против трговијата, но се залагам за трговија која не оди на штета на американскиот работник и на американската индустриска заедница. Сметам дека до американскиот пазар треба да имаат пристап државите кои се придржуваат на правилата, а оние другите - треба да бидат казнети.“
Професорот по Меѓународни трговски односи на Универзитетот Џорџ Мејсон, Стујарт Малaвер за Гласот на Америка рече дека се сомнева оти најголемата светска економија ќе се повлече од трговските договори. За него губењето на индустриските работни места не е последица на трговијата:
„Тоа е резултат на макроекономските промени, автоматизацијата на производството и свртувањето на економијата кон услугите наместо кон производството. 75 до 80 проценти од бруто домашниот производ на САД доаѓа од услугите.“
Професорот Малавер гледа можност и за Македонија во новата поставеност на САД, кои очигледно се на линија да претпочитаат билатерални наместо мултилатерални трговски договори.
За да се постигне тоа, според него поважен е друг аспект:
„Соработката на корпоративно и на индустриско ниво. Потребни се индивидуи и институции кои ќе се фокусираат на освојување на американскиот пазар. Тоа не мора да биде направено на политичко ниво. “
Минатата година трговската размена на Македонија со САД изнесуваше околу 250 милиони долари годишно, од кои Македонија имаше преку 170 милиони долари суфицит.