Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон на вториот ден од неговата турнеја низ пет држави во Јужна Америка денес се сретна со претседателот на Аргентина, Маурисио Марки.
Во неделата, Тилерсон кажа дека за време на неговите средби со аргентинските лидери ја истакнал можноста за воведување на нафтени санкции против Венецуела како начин на обезбедување „слободни, фер и проверени избори“ во државата.
Тилерсон исто така кажа дека сака да ги ублажи негативните ефекти кои можат да ги имаат санкциите врз американските нафтени компании, народот на Венецуела и врз државите кои се потпираат на венецуелска нафта.
„Ситуацијата во Венецуела е очајна, и еден од аспектите при разгледувањето за воведување на нафтените санкции е каков ќе биде ефектот врз граѓаните на Венецуела, исто како и тоа дека овој чекор може да стави крај на ситуацијата“ рече Тилерсон.
Венецуела е трет по големина снабдувач на нафта на САД. Од американската нафтена индустрија велат дека забраната за увоз од оваа држава ќе има негативен ефект врз работните места во САД и покачување на цената на нафтата.
Подоцна во денот, Тилерсон ќе отпатува за Лима, главниот град на Перу. Утре државниот секретар на САД ќе ја посети Колумбија.
Facebook Forum