Државниот секретар на САД Рекс Тилерсон, беше во ненајавена посета на Ирак, неколку часа по слично патување во Авганистан.
Во Багдад беше закажана средба со ирачкиот премиер Хаида ал-Абади.
Претходно, шефот на американската дипломатија со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и другите виши претставници во воздухопловната база Баграм, близу Кабул, разговараше за новата стратегија на САД за Јужна Азија.
„Сметам дека САД јасно ставија до знаење околу нашата поддршка за Авганистан, поддршката за суверен, единствен и демократски Авганистан, обележувајќи го патот кон мир, напредок и самоувереност. Императив е што не прифаќаме упоришта за кои било терористички организации или екстремисти, во кој било дел од светот“, истакна шефот на американската дипломатија.
Гани подвлече дека новата стратегија на САД вовела позитивна промена во регионот. САД и Авганистан веќе подолго сметаат дека Талебан во Авганистан, особено мрежата Хакани, имаат упоришта во Пакистан. Но Исламабад тврди дека при воена операција, ги „исчистил“ сите упоришта на милитантите во племенските области на границата со Авганистан.
Тилерсон претходно кажа дека подобрување на односите меѓу Саудиска Арабија и Ирак, е начин да се спречи зголемената иранска воена агресија во регионот.
На состанокот на Комисијата за координација на Саудиска Арабија и Ирак во Ријад, Тилерсон на саудискиот крал и на ирачкиот премиер, им порачал дека подобрување на меѓусебните односи се покажало како одличен потенцијал, укажувајќи на отворање на границата меѓу двете држави во август, и на обновување на директните летови меѓу Багдад и Ријад.
„Тие претставуваат почеток на она, што ние се надеваме, ќе биде серија конкретни активности за подобрување на односите и зацврстување на соработката“, рече Тилерсон, нагласувајќи дека подобрениот однос меѓу кралството и Ирак, е витален за зацврстување на колективната безбедност и напредок.
Саудискиот крал и ирачкиот премиер се согласиле дека регионот не може да толерира натамошни поделби, и оти се подготвени да излезат од минатото.
Тилерсон во текот на шестдневното патување, ќе ги посети и Пакистан, Индија и Швајцарија.
Facebook Forum