Секретарот за домашна безбедност Џе Џонсон вели дека терористичката закана преминала во нова фаза заради успехот на организацијата Исламска држава во користењето на социјалните медиуми за полесно регрутирање на џихадисти во нивните родни земји.
„Поради употребата на Интернет, можеме да имаме малку или пак воопшто да немаме информации однапред за лица коишто дејствуваат самостојно и имаат намера да нападнат. Затоа, властите на локално ниво треба да бидат повнимателни, а ние постојано ги потсетуваме да го чинат тоа“, изјави Џонсон во емисијата „Оваа недела“ на ТВ-мрежата АБЦ.
Според секретарот за домашна безбедност, секој напад или обид за напад претставува научена лекција, а како што заканата евоулираше по нападите од 11-ти септември 2001-ва, постои потесна соработка меѓу агенциите за безбедност од локално па се` до државно ниво.
Минатата недела, директорот на Федералното истражно биро Џејмс Коми предупреди дека во САД можеби има илјадници следбеници на Исламската држава на Интернет и дека предизвикот е да се одреди кој меѓу нив претставува реална закана.
Џонсон вели дека тој и други владини претставници се обидуваат да се спротистават на регрутирањето со тоа што се обидуваат да го привлечат вниманието на муслиманската заедница во САД. „Имаме одреден напредок, но ни` претстои уште многу работа“, подвлече Џонсон.
Тој ги опиша како мудри и внимателни чекорите на Пентагон за подигање на нивото на безбедност во базите ширум САД. Ова стапи на сила откако ФБИ предупреди дека исламските милитанти можеби планираат напади врз армиски или полициски лица.
Конгресменот Мајкл Мекол, којшто претседава со Комисијата на Претставничкиот дом за домашна безбедност, за ТВ-мрежата Фокс изјави дека ваквата закана нараснала:
„Секојдневно сме сведоци на ова. Загрижувачки е. Се наоѓам во Париз и работам со експерти за контратероризам во случајот на Шарли Ебдо и како може да спречиме странски борци од Сирија и Ирак да доаѓаат во Европа. Од друга страна, во САД имаме феномен кога терористите може да бидат активирани преку Интернет. И, навистина, тероризмот се прошири како вирус“, коментира Мекол.
Мекол смета дека потенцијалната терористичка закана е поголема од она што ФБИ го изложи. Вели, САД се соочуваат со две закани: една од борците коишто доаѓаат од Блискиот Исток, а другата, од илјадниците на домашен терен, коишто ќе посегнат по оружје кога Исламската држава ќе испрати порака преку Интернет. Мекол предупреди дека заканата само ќе се влоши, главно поради постоењето на бројни пропаднати држави на Блискиот Исток и Северна Африка.