Линкови за пристапност

САД преземаат заштитни мерки против нов терористички напад


Властите на Вашинтон и Њујорк велат дека во моментов нема веродостојна закана

Американските власти презедоа итни заштитни мерки против нов терористички напад, неколку часа по трите смртоносни експлозии на аеродром и подземна железничка станица во Брисел.

Веднаш по нападите, амбасадата на САД во Брисел препорача американските државјани да останат онаму каде што се, да избегнуваат јавен превоз во градот, да го следат најновиот развој на настаните и да ги следат инструкциите на надлежните органи, како и да преземат соодветни чекори за подобрување на сопствената безбедност.

Американската агенција за домашна безбедност соопшти дека будно ги следи настаните во Брисел, напоменувајќи дека „нема да се двоуми да го прилагоди нивото на безбедност, со цел, заштита на американскиот народ“. Воедно, агенцијата ја повика и јавноста веднаш да пријави какви било сомнителни активности, без оглед на местоположбата.

Претставник на американското разузнавање кажа дека „разузнавачката заедница и натаму ја евалуира ситуацијата во Брисел, истовремено останувајќи во близок контакт со белгиските и европски партнери“.

Претседателот Барак Обама, кој се наоѓа во посета на Куба, беше брифиран за нападите и за време на обраќањето до кубанскиот народ. Toj подвлече дека САД ќе сторат се` што е во нивна можност, за да и` помогнат на Белгија, одговорните за нападите да ги изведе пред правдата.

Во меѓувреме, Њујорк и Вашингтон ги зголемија безбедносните мерки со бројни патроли, особено на пофреквентните локации и местата за јавен превоз. Властите од обата града рекоа дека се преземаат мерки од предострожност, но во моментов нема веродостојна закана од напади.

XS
SM
MD
LG