Линкови за пристапност

САД се закануваат со царини на производи од ЕУ


Поради спорот во врска со субвенциите за двата најголеми светски авиопроизводители, САД се закануваат дека ќе воведат дополнителни царини на производи од ЕУ во вредност од четири милијарди долари.

Од Канцеларијата на американскиот трговски претставник објавија листа на дополнителни производи на кои може да се однесуваат новите царини. САД во април воведоа царини за производи вредни 21 милијарда долари.

На листата се најдоа производи од метали, маслинки, италијанско сирење и шкотско виски.

САД и ЕУ веќе 15 години разменуваат закани во рамки на Светската трговска организација дека ќе воведат одмазднички царини за авиони, храна и други производи поради нелегалното субвенционирање на производителите на авиони Боинг и неговиот европски ривал Ербас.

Виши официјални претставници од Боинг и лобисти ја повикаа владата на САД да ги прилагоди новите царини за да се избегне штета врз американските производители.

Производителите на авиони не ги коментираа најновите закани од САД. Но, Лиса Хокинс од Советот на производители на дестилиран алкохол ја осуди најновата закана од администрацијата на Трамп.

„Американските компании, фармерите и трговците на мало веќе се соочија со негативно влијание од наметнувањето на царини од страна на клучните трговски партнери врз одредени дестилирани алкохолни производи ... и овие дополнителни царини само ќе нанесат дополнителна штета“, вели таа.

Вашингтон и Брисел се обвинуваат едни со други за неправедно субвенционирање на нивните домашни производители на авиони.

Светската трговска организација утврди дека Боинг и Ербас добиле милијарди долари субвенции и се очекува организацијата да донесе одлука по американска тужба.

Канцеларијата за трговија соопшти дека ќе одржи расправа за најновиот предлог за царини на 5-ти август.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG