Во американскиот Сенат синоќа не мина мерката што ќе ставеше крај на обемното собирање на податоци за телефонски разговори од страна на владата.
Сенатот, под контрола на демократите, се изјасни со 58 гласови „за“ и 42 „против“, со тоа не исполнувајќи го условот од 60 гласови за мерката да биде усвоена. Насловена како Мерка на Слободата САД, таа налагаше Агенцијата за национална безбедност (НСА) најпрвин да добие судски налог пред да собира податоци, и да собира само за конкретно лице. Претставничкиот дом, каде мнозинство се републиканците, претходно усвои своја верзија на мерката.
Легислативата беше зацртана откако поранешниот договорен соработник на НСА, Едвард Сноуден, во медиумите обелодени детали за собирањето на обемен број на податоци. Иако НСА не собирала содржини на телефонските податоци, откритието предизвика жестоки реакции меѓу активистите за граѓански слободи коишто тврдат дека било прекршено правото на приватност на Американците.