Линкови за пристапност

„Американско лето во Македонија“


Кадети од САД на средношколци од Македонија им ја претставуваат американската култура во камп во Струга, но учат и за македонската.

60-тина средношколци од повеќе градови од Република Македонија деновиве учествуваат во кампот „Американско лето во Македонија“, што се одржува во хотелот „Бисер“ во Струга, со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Во кампот, 16 армиски кадети од САД низ методи и вештини ги запознаваат учесниците на возраст од 16 до 18 години со американската култура.

„Во овој камп соработуваме со Американските катчиња спонзорирани од програмата на Американската амбасада, односно од американскиот Стејт департмент. Нашите кадети работат со децата низ различни активности на запознавање на американската култура, учат за лидерството, спортските игри. Во меѓувреме кадетите и учесниците се дружат и учат за нивните култури, разлики, но во овој случај пронајдоа повеќе сличности“, вели мајорот Роберт Монет.

Учесниците истакнуваат дека ова е извонредна можност за меѓусебно запознавање.

„Сметам дека кампот е одлично искуство. Не само што учиме за американската култура, туку и се запознаваме со традицијата на Македонците, Турците и Ромите. Работилниците за лидерство ги сметам за доста корисни, особено што со нас работат кадети од Америка“, вели Ѓентил Абази, учесник од Скопје.

„Од сите работи, мене најмногу ми се допадна работилницата за волонтеризам и сметам дека е нешто многу добро и мислам дека секој човек треба да биде волонтер“, вели учесничката Фани Ангелеска.

Олгица Ѓорѓевска, координаторот на Американското катче во Скопје, го истакнува споделувањето на културите и културните вредности преку ваквите кампови: „Целта на овој камп е жителите на нашата земја, како и Американците кои доаѓаат подобро да се запознаат со своите култури и културни вредности низ стекнување на различни искуства и споделување на тие искуства“.

Кампот „Американско лето во Македонија“ завршува утре, по што сите учесници на кампот ќе добијат сертификати од Амбасадата на САД.
XS
SM
MD
LG