Линкови за пристапност

Економијата и имиграцијата - фокус на говорот на Трамп


Белата куќа соопшти дека претседателот ќе има позитивен говор, повикувајќи ги демократите и републиканците заеднички да ги решаваат проблемите

Претседателот Доналд Трамп се очекува да ја истакне силната економија и да повика на заедничка акција за имиграционите реформи, во текот на неговото вечерашно обраќање до нацијата.

Говорот, кој ќе го испорача пред Конгресот, доаѓа една година откако Трамп ја презеде функцијата, и една недела по тридневното затворање на Владата, поради отсуство на договор за иднината на илјадници имигранти, кои нелегално биле донесени во државата како деца.

Официјални претставници на Белата куќа велат дека Трамп ќе зборува за отворање работни места, подобрување на економијата, како и за неодамнешното намалување на даноците.

Исто така, велат тие, се очекува да ги повика законодавците да го одобрат неговиот инфраструктурен план, вреден трилиони долари, со цел да ги поправи патиштата, мостовите и да ги модернизира аеродромите.

Се очекува да зборува и за прашањата за национална безбедност, вклучувајќи ги нуклеарните и балистички проектилни активности на Северна Кореја, за потребата од нови трговски политики, по повлекувањето на САД од Договорот за транспацифичко партнерство, како и за иницираното обновување на преговорите за слободна трговија со Мексико и Канада.

Првата година од претседателството, Трамп ја помина со чести напади на Твитер против неговите политички противници, демократските законодавци, а понекогаш и против републиканци, кои се спротивставиле на неговите политички одлуки.

Во политички поделениот Вашингтон, Белата куќа соопшти дека Трамп ќе има позитивен говор, исполнет со оптимизам, повикувајќи ги демократите и републиканците заеднички да ги решаваат проблемите.

Официјални лица од Белата куќа велат дека претседателот ќе има говор, кој ќе ги обедини Американците и ќе ги промовира националните вредности и патриотизам.

Не е јасно дали Трамп ќе ги спомене прашањата од политичката дискусија во Вашингтон - истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за актуелната истрага за наводното руско мешање во изборите во САД во 2016-та година, како и за контактите на кампањата на Трамп со руски оперативци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG