Линкови за пристапност

Кражби во верски објекти и антисемитистички говор на социјалните медиуми


Нотира Стејт департментот, во најновиот извештај за верските слободи и права за 2017-та година

Случаи на антисемитистички говор на социјалните медиуми, вандализам во цркви и грабеж во џамија, се дел од забелешките на Стејт департментот во најновиот извештај за верските слободи и права во Македонија.

„Постојат примери кога лица фрлале антисемитистички флаери во дворот на канцелариите на Еврејската заедница. Има неколку инциденти на вандализам и кражби во православни цркви, еден случај на вандализам на православни гробишта, како и еден инцидент на кражба во џамија“, се наведува во извештајот за 2017-та година.

Исламската верска заедница (ИВЗ) забележала дека Владата ја фаворизирала Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додека помали верски групи пријавиле нееднаков владин третман во споредба со петте верски заедници признаени со Уставот.

„Граѓанското општество и малцинските верски заедници наведуваат дека претходната Влада, која си замина во јуни, ја политизирала религијата“, нотира извештајот

Во ноември, Европскиот суд за човекови права утврди дека Владата ги нарушила правата на Охридската архиепископија, одбивајќи да се регистрира, и и` нареди на Владата да и` плати казна.

Според извештајот, Владата не ги вратила сите претходно конфискувани имоти на верските заедници во текот на годината.

„Американскиот амбасадор и други претставници од Американската амбасада се сретнале со владини и парламентарни претставници за да разговараат за верските слободи. Амбасадата ги поддржа напорите за едукација за Холохаустот, и спонзорираше владини лица и претставници на граѓанскиот сектор да учествуваат во програми во САД, кои се фокусираат на промовирање на верските слободи и права“, пишува во најновиот извештај.

Извештајот се поднесува до американскиот Конгрес, во поддршка на верските слободи и права на граѓаните во светот, за кои САД се голем поборник.

„Целта е да се фрли светло врз природата, обемот и сериозноста на активностите, кои влијаат врз врските слободи“, потенцира извештајот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG