На средбата со претседателот на Јужна Кореја во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп изрази подготвеност да одржи уште еден самит со лидерот на Северна Кореја за да се обиде да постигне сеопфатен договор за денуклеаризација.
„Трет самит може да се случи“, рече Трамп. „Чекор по чекор. Тоа не оди брзо.“
Има различни „помали договори кои можат да се постигнат“, му одговорил Трамп на новинарот во Овалната канцеларија кој го запрашал дали ќе прифати било какви договори што произлегуваат од денуклеаризацијата за да го зачува процесот за кој јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, во неговите забелешки, рекол дека сè уште се движи напред.
„Но сега зборуваме за голема работа“, што значи „мораме да се ослободиме од нуклеарното оружје“.
Одговарајќи му на друг новинар, Трамп рече дека решил да не ги заострува санкциите за Пјонгјанг, но сака постоечките „санкции да останат на сила“.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин ги поддржува самитите меѓу лидерите на САД и Северна Кореја, кои никогаш не воспоставија дипломатски односи.
Јужнокорејскиот претседател му рече на Трамп дека првиот самит кој американскиот претседател го одржа во Сингапур со Ким во јуни минатата година довел до значајно намалување на тензиите на Корејскиот полуостров и затоа има потреба од одржување на трет самит.
„Сега мирот надвладеа“, му рече Мун на Трамп зборувајќи на корејски. „Ние веруваме дека можете да го решите овој проблем и драматичниот пресврт се должи единствено на вашето силно лидерство.“
Трамп одби да каже дали бил во комуникација со Ким во последните недели.
Според професорот Сунг-Јун Ли од Флечер школата на Универзитетот Тафтс „Ким Јонг Ун ќе биде победник од состанокот Трамп-Мун“.
За Гласот на Америка Ли изјави дека американскиот и јужнокорејскиот претседател се „уште имаат различни гледишта по бројни прашања“, вклучувајќи ги и намерите на Ким, желбата на Јужна Кореја да ги намали санкциите на Север, делот од трошоците кои Сеул треба да ги плати за сместување на американските војници, различни ставови за Кина и недостатокот на воена и разузнавачка соработка меѓу Сеул и Токио.
Трамп одржа два самити со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, при што последниот во февруари заврши порано од предвиденото без да биде постигнат договор откако Северна Кореја побара укинување на санкциите, а американската делегација ја повика Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје.
Претседателот на Јужна Кореја е поборник на постепени мерки за денуклеаризација со САД, при што во олеснувањето на санкциите гледа начин да се натера Северна Кореја да преговара и да започне самостојно да презема чекори.
Facebook Forum