Јужнорејската претседателка Пак Гун-хе го посети хоспитализираниот американски амбасадор во Сеул, Марк Липерт, којшто минатата недела беше нападнат со нож.
Напаѓачот, инаку активист и симпатизер на Северна Кореја, го нападна амбасадорот во четвртокот, нанесувајќи му повреди по лицето и еден од зглобовите, додека тој се подготвуваше да одржи говор во Сеул.
Јужнокорејската претседателка изјави дека сочувствува со амбасадорот бидејќи и врз неа, за време на предизборна кампања во 2006-та, беше извршен ист напад. Таа тогаш заврши со исеченица на лицето и и` беше укажана помош во истата болница каде што сега закрепнува амбасадорот.
Властите соопштија дека осомничениот за нападот врз американскиот амбасадор, 55-годишниот Ким Ки-џонг, се соочува со обвинение за обид за убиство. Тој петокот изјави дека не добил никакви директиви од Северна Кореја.
Амбасадорот Липерт преку својот профил на Твитер објави дека се чуствува добро и дека со семјеството е воодушевен од поддршката што ја добива. Тој најави дека наскоро ќе се врати на работното место за натамошно да ги унапредува американско-јужнокорејските односи.
Лекарскиот тим планира утре да го пушти Липерт на домашно лекување.