Американскиот амбасадор во Јужна Кореја денес кажа дека е добро и во добро расположение по инцидентот во Сеул кога напаѓач со нож му нанесе исеченици на лицето и раката.
На амбасадорот Марк Липерт му била укажана помош во болница. Тој подоцна преку Твитер порача дека со семејството се длабоко трогнати од поддршката и дека наскоро ќе се врати на работа за да продолжи да ги унапредува американско-јужнокорејските односи.
Според сведоци, Липерт бил на состанок за време на појадок кога лице, коешто полицијата подоцна го идентификуваше како 55-годишниот Ким Ки-Џонг, го нападнало амбасадорот со сечило долго 25 сантиметри.
Јужнокорејските медиуми јавуваат дека напаѓачот извикал: „Јужна и Северна Кореја треба да се обединат“.
Спротиставените Кореји со децении се поделени со граница на којашто има најбројно присуство на војници во светот. САД имаат 28.500 војници во Јужна Кореја како средство за одвраќање на Северна Кореја. Некои Јужнокорејци сметаат дека американското присуство е пречка за обединување на Кореја.
Јужнокорејската претседателка Пак Гун-хе коментираше дека инцидентот е „напад врз јужнокорејско-американскиот сојуз“. Портпарол на јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе бидат преземени мерки за да се осигура безбедноста на дипломатските делегации.
Стејт департментот го осуди нападот. Претседателот Барак Обама и државниот секретар Џон Кери по телефон разговарале со Липерт по инцидентот.
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА соопшти дека нападот е „заслужена казна“ и дека покажува дека луѓето во Јужна Кореја се против воената вежба којашто САД и Јужна Кореја ја вршат и покрај противењето на Северна Кореја.