Линкови за пристапност

Американски претставник предупредува дека има уште работа со ИСИС


Уништувањето на калифатот на Исламската држава не е крај на битката, вели специјалниот пратеник за Сирија, повикувајќи на поголем ангажман од коалиционите партнери

САД предупредуваат дека уништувањето на самопрогласениот калифат на Исламската држава нема да биде доволно за траен пораз на терористичката група - порака што Вашингтон ја пренесе и покрај повлекувањето на голем дел од силите на САД од Сирија.

Американските сили во саботата прогласија победа над калифатот на Исламската држава, ослободувајќи го североисточниот сириски град Бахуз по серија воздушни напади против неколку стотици борци кои одбија да се предадат.

Оттогаш, сириските демократски сили се вклучени во операциите за расчистување. Низ остатоците од логорите на терористичката група внимателно пребаруваат експлозиви и замки и ја претресуваат сложената мрежа на пештери и тунели кои претходно како скривници ги користеа илјадници борци и нивните семејства.

​„Ова не е крај на борбата со ИСИС“, рече специјалниот пратеник за Сирија, Џејмс Џефри.

„Тие се реорганизирани во мали групи, кои оперираат од сенка како бунтовници на ниско ниво“, рече тој, додавајќи дека во Сирија допрва треба да се почувствува нивното влијание, каде остатоците од групите се во „шок од тоа што го изгубија теренот“.

Џефри, како и други официјални претставници на коалицијата, велат дека исламската држава сé уште се фали дека има околу 15.000 до 20.000 борци низ Сирија и Ирак, иако предупреди дека таквите проценки “не вредат ни колку хартијата на која се печатени“.

Официјалните претставници на САД претходно проценија дека Исламската држава, во моментот на врвот на својата борбена готовност, имала околу 34.000 борци. Но, Џефри во понеделникот рече дека можеби се работело и за 100.000 борци.

Други високи официјални претставници на САД и коалицијата, исто така, признаа дека нивната способност да ја проценат големината на борбените сили на радикалната исламска група е ограничена.

„Политичките услови не се променети драматично од 2009 година“, рече Крег Вајтсајд, висок соработник на Центарот на Поморскиот воен колеџ. „Во некои случаи, тие всушност се влошија.“

Потенцијално, според Вајтсајд, тоа што Исламската држава ја прави уште поопасна е тоа што групата во минатото успешно извршила бунт и стрпливо чекала на резултатите.

„Тие немаат временски одредници во нивните стратешки документи. Тие само знаат дека ќе делуваат се додека не ја постигнат целта“, рече тој.

Во исто време, официјални лица и аналитичари предупредуваат дека Исламската држава се подготвува за овој нов бунт повеќе од една година, почнувајќи од падот на Мосул, нејзиниот главен град во Ирак, во јуни 2017 година.

Но, во Сирија, силите поддржани од САД ќе ја преземат новата борба без исто ниво на поддршка.

„Вооружените сили се повлекуваат“, изјави Џефри во понеделникот, објаснувајќи дека дел од 2000 американски војници стационирани во Сирија веќе се повлечени - во согласност со планот што го објави претседателот Доналд Трамп во декември.

Американски официјални лица соопштија дека преостанатите сили, најверојатно околу 200 војници, ќе бидат стационирани во североисточна Сирија и во Ал-Танф, американски гарнизон во јужна Сирија, кој се смета за клучен за запирање на шверцерите кои ја поддржуваат Исламската државата, како и за ограничување на влијанието на Иран во регионот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG