Во тек се политичките преговори во Вашингтон, кои треба да утврдат дали ќе се избегне ново затворање на Владата на САД кон средината на февруари.
Двопартиска група во Сенатот и Претставничкиот дом се обидува да најде компромисно решение за финансирање на граничната безбедност, прашање што беше причина за претходното владино затворање од 35 дена, што беше најдолго во американската историја.
Преговарачите треба да најдат решение до 15-ти февруари оти во спротивно ризикуваат Владата да биде затворена повторно.
Владата беше отворена за да може да се најде компромисно решение за гранична безбедност, но, по вчерашното почнување со работа на конгресната комисија, Трамп преку Твитер порача дека си го троши времето ако решението не опфаќа ѕид или физичка бариера.
Уште едно затворање на Владата?
Во најавата за отворање на Владата Трамп предупреди на уште проблеми ако не се обезбедат пари за ѕидот.
„Навистина немаме друг избор освен да изградиме голем ѕид или челична ограда“, рече Трамп.
Но, дали уште едно владино затворање ќе биде политички исплатливо?
Многу републиканци, вклучувајќи го и републиканскиот лидер во Сенатот Мич Меконел, сметаат дека не е добро решение.
„Не сакам владино затворање. Мислам дека тоа не одговара за никого, и сметаат дека треба да се избегне“, рече тој.
Политичка последица
Анкетите за јавно мислење покажуваат дека јавноста генерално ги обвинува Трамп и републиканците за затворањето, а ново истражување на Политико и маркетинг агенцијата Morning Consult открива дека тие пак ќе бидат повикани на одговорност доколку се случи второ затворање.
Според анкетата, 54 проценти од испитаниците ги обвинуваат Трамп и републиканците, во споредба со 33 проценти кои ги посочуваат демократите како одговорни за ситуацијата.
Пресвртен момент?
Дел од поддржувачи на Трамп се надеваат дека претседателот ја научил лекцијата од ќорсокакот како резултат на владиното затворање.
Многумина, пак, сега очекуваат тој да прогласи вонредна состојба на границата ако Конгресот не успее да постигне компромис.
Позиционирање за 2020
Некои аналитичари веруваат дека Трамп може да го ослаби шансите за негов реизбор, ако продолжи да биде посветен само кон неговата база на поддржувачи.
Наредната најдобра можност за претседателот да го оправда барањето на пари за ѕидот е на годишното обраќање пред нацијата следниот вторник.
Републиканците и демократите очекуваат да слушнат дали претседателот уште еднаш ќе го нагласи затворањето на Владата ако не добие пари за изградба на ѕидот со Мексико.
Facebook Forum