Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, ја критикуваше спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси дека не е во чекор со својата партија за изградбата на ѕидот.
„Во последните години видовме дека администрацијата на демократите ги градеше истите челични бариери кои сега претседателот сака да ги прошири. Деновиве се чини дека демократите се среќни да ги извлечат своите реплики од нежната дама од Сан Франциско ... и нејзиното екстремно гледиште дека ѕидовите сега стануваат неморални. Навистина?“, рече Меконел.
Според Меконел единствениот излез од ќор-сокакот е преку партиски договор.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Чак Шумер, посочи дека Меконел се оградува од своите овластувања.
„Отворете ја владата. Можете да го направите тоа. Но, сите ваши обвинувања и измами нема да ја отворат владата. Доналд Трамп е пречка. Сите го знаеме тоа.“
Трамп рече дека нема да разгледува никаков предлог за отворање на владата се додека во буџетот не биде вклучено финансирање на ѕидот на границата со Мексико.
Тој во средата потпиша закон со кој се гарантира дека на федералните работници на крајот ќе им се исплатат изгубените плати, како што беше направено за време на претходните затворања на владата во текот на изминатите неколку децении.
Меѓутоа, изгубените плати најверојатно нема да им бидат надоместени на работниците кои преку приватни компании се ангражирани да работат за владата.
Ако владата остане затворена уште една седмица федералните работници ќе останат без својот втор чек од платата овој месец.
Facebook Forum