Линкови за пристапност

Трамп предложи заштита на ДАКА во замена за ѕидот - демократите одбија


Дури и Сенатот да го одобри планот на Трамп, тој не се очекува нема да помине во Претставничкиот дом

Владата на САД е затворена веќе 31 ден. Лидерот на републиканците во Сенатот Мич Меконел најави гласање за предлогот на претседателот Доналд Трамп за компромис со демократите кои, пак, го одбија.

Новиот предлог на Трамп предвидува тригодишна заштита од депортација на стотици илјади имигранти кои нелегално биле донесени во САД како деца, како и продолжување на заштитениот статус на лицата кои ги напуштиле нивните држави како резултат на насилство или природни катастрофи.

Во замена тој очекува да добие 5.7 милијарди долари за изградба на ѕидот на границата со Мексико.

За демократите изградбата на ѕидот е неефикасно и скапо безбедносно решение.

Тие сакаат Трамп и републиканците да се согласат прво да ја отворат Владата, па потоа да дискутираат за иницијативи за заштита на границите.

Меконел рече дека планира да го стави планот на Трамп на гласање во наредните денови, иако за тој да помине ќе му бидат потребни и гласови од демократите.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси изјави дека неделава планира гласање за да се одобрат повеќе имиграциони судии, како и пари за детектирање возила и дрога на премините за влез во државата.

Претставничкиот дом веќе донесе повеќе мерки за отворање на Владата, но, Меконел одби да ги стави на гласање во Сенатот, нагласувајќи дека нема да земе предвид ниту еден закон што Трамп нема да го поддржи.

Додека затворањето трае и натаму, околу 800.000 владини работници или продолжуваат да работат без плата или принудно седат дома.

„Ненси Пелоси и некои демократи го одбија мојот предлог и пред да го кажам“, напиша Трамп на Твитер, нарекувајќи ги федералните работници големи патриоти.

Дури и Сенатот да го одобри планот на Трамп, тој не се очекува да помине во Претставничкиот дом.

Сепак, може да поттикне нови разговори за план за гранична безбедност и отворање на Владата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG