Линкови за пристапност

Се истражуваат мотивите за вооружените напади во САД


За само 13 часови 29 лица се убиени, а десетици се повредени во одвоени инциденти во Соединетите американски држави

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди знамињата на владините згради да се спуштат на половина копје во следните пет дена „во знак на почит кон жртвите на ужасните акти на насилство“ во Ел Пасо, Тексас и Дејтон, Охајо.

Официјални претставници соопштија дека ќе бараат смртна казна за нападот во Тексас, кој го третираат како акт на домашен тероризам.

„За омразата нема место во нашата земја“, изјави Трамп во неделата, нагласувајќи дека „се прават многу работи“ за да се запрат идни напади.

За само 13 часови 29 лица се убиени, а десетици се повредени во одвоени инциденти во Соединетите американски држави.

Вооружен напаѓач кој носел дополнителна муниција беше застрелан од полицијата за помалку од една минута откако отворил оган рано во неделата во Дејтон. Тој уби девет лица, вклучувајќи ја и неговата сестра, а рани најмалку 27 лица, од кои четворица сериозно.

Полицијата соопшти дека верува дека имало само еден напаѓач во инцидентот, но допрва треба да се открие мотивот.

Полицијата исто така соопшти дека вооружениот напаѓач е белец, како и тројца од загинатите. Шестемина други загинати беа Афроамериканци.

Началникот на полицијата во Дејтон, Ричард Бејхл изјави дека полицајците патролирале во областа полна со барови, ресторани и театри кога започнало пукањето. Полицијата го застрелала напаѓачот и го убила во рок од 30 секунди.

Градоначалникот Нан Вајли рече дека брзиот одговор на полицијата „спаси буквално стотици животи“.

Нападот во Охајо се случи околу 13 часа откако во американско-мексиканскиот пограничен град Ел Пасо, вооружен напаѓач отвори оган во продавницата Волмарт, при што загинаа најмалку 20 лица, а 26 се повредени. Надлежните соопштија дека се истражува дали можниот мотив е омраза кон Латиноамериканците.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека шест Мексиканци биле меѓу убиените. Мексиканците во близина на границата честопати преминуваат во Ел Пасо за да купуваат во Волмарт.

Волмарт во неделата соопшти дека ќе продолжи да продава оружје и муниција во своите продавници и покрај пукањето во „Ел Пасо“ и уште едно смртоносно пукање неколку дена порано во една од неговите продавници во Мисисипи, при што беа убиени двајца работници, а еден полицаец беше ранет.

Американските власти во повеќе наврати се обидуваат да најдат начин како да се запре крвопролевањето во земјата во која поседувањето на оружје е уставно право.

Некои законодавци бараат заострување на регулативите околу продажбата на оружје, додека други законодавци се спротивставуваат на вакви ограничувања.

Демократските претседателски кандидати, сенаторите Кори Букер и Берни Сандерс, како и поранешниот конгресмен во Тексас, Бето О’Рурк - ја обвинија антиимигрантската реторика на Трамп за негување на клима на омраза.

Но, вршителот на должност шеф на канцеларијата на Белата куќа, Мик Мулвани, го отфрли секој обид за обвинување на Трамп. „Ги обвинувам луѓето што се болни“, рече Мулвани за NBC.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG