Властите го опишаа 59-годишниот Џон Расел Хаусер, којшто уби две, а повреди седум лица пред да си го одземе животот, како „своевиден скитник“
Полицијата во сојузната држава Луизијана го идентификуваше напаѓачот којшто вчера навечер отвори оган во кино-сала и уби две, а повреди девет лица пред да си го одземе животот.
Властите во градот Лафајет велат дека трагаат по дополнителни податоци за 59-годишниот Џон Расел Хаусер. Шефот на полицијата во Лафајет, Џим Крафт, го опиша Хаусер како „своевиден скитник“.
Околу 100 лица гледале филм во киното кога напаѓачот отворил оган од пиштол.
„Навидум, имал намера да отвори оган, а потоа да побегне“, рече Крафт. „Брзата реакција (на полицијата, н.з.) го принудила да се врати назад во киното, по што се самоубил“.
Засега нема информации за мотивот.
„Сите во Белата куќа, а меѓу нив претседателот и првата дама, во мислите и молитвите се со заедницата во Лафајет, Луизијана, особено со семјствата на убиените“, соопшти портпаролот на претседателот Барак Обама, Џош Ернест.
Во интервју за ББЦ на само неколку часа пред инцидентот, Обама кажа дека е фрустриран што не успеал да биде усвоена легислатива за безбедност од огненото оружје. “Факт е дека САД се развиената земја во светот во која нема доволни, логични закони за безбедност од огненото оружје – и покрај редицата случаи на повеќекратни убиства“, рече Обама.