Линкови за пристапност

Жртви и материјална штета од силното невреме во неколку сојузни држави во САД


Со прогнозите за врнежи и наредните неколку дена, се очекува влошување на ситуацијата.

Сојузните држави Калифорнија и Невада последниве неколку дена беа погодени од силно невреме проследено со обилни врнежи и снежни бури.

Во парк во северна Калифорнија, од невремето беше урнато илјадници години старо дрво секвоја, едно од најпознатите во светот, а кое имаше пукнатина која изгледаше како тунел - доволно голема за низ неа да минуваат автомобили.

Заради излевање на водата на реката Сиера, беше издадена наредба за задолжителна евакуација.

„Немам никогаш видено вакво нешто“, изјави жител на Напа.

Со прогнозите за врнежи и наредните неколку дена, се очекува влошување на ситуацијата.

Поплавени се некои од познатите лозја во Калифорнија, заради пораст на нивото на реката Напа, највисоко од 2005-та, наваму.

Патиштата во поголемиот дел од сојузната држава се под вода или се блокирани со одрони, што дополнително го отежна сообраќајот. Паднатите дрвја и поплавите веќе однесоа неколку човечки животи.

Сепак, дождот е добра вест за Калифорнија, која изминативе пет години страда од суша. Според официјални лица, невремето ќе ги задоволи моменталните потреби на сојузната држава, но, како што кажаа, потребни се уште неколку вакви поројни дождови, за да се надополнат подземните осиромашени резерви.

Соседна Невада исто така се соочува со невообичаено врнежливо време. Беа евакуирани преку 1.000 домови.

Во северниот дел на сојузната држава беше прогласена вонредна состојба. Универзитетот Невада и сите околни училишта беа затворени за настава.

Додека некои северозападни подрачја се борат со поплави, другите се справуваат со снег.

Силните ветришта во Колорадо причинија материјална штета врз бројни домови, а беше уништен и еден далновод.

Полицијата во Орегон побара прекин на сообраќајот заради лизгањето на земјиштето и зголемениот број на незгоди.

Во меѓувреме, снежната бура натрупа половина метар снег на источниот брег на САД. Метеоролозите за крајот на неделата најавуваат нови снежни врнежи во овој регион, а северозападниот дел на државата, се подготвува да се справи со дополнителни поплави.

XS
SM
MD
LG