Линкови за пристапност

Расте притисокот врз главниот правобранител на САД


Џеф Сешнс е жестоко критикуван од двете страни – Конгресот и Белата куќа – заради контактите со поранешниот руски амбасадор во САД.

Главниот правобранител на САД Џеф Сешнс се соочува со зголемен притисок од законодавците на Капитол хил и од администрацијата на претседателот Трамп, поради неговите контакти со поранешниот руски амбасадор во Вашингтон и за неговата подоцнежна одлука да биде изземен од истрагата на Одделот за правда, во врска со истрагата за мешањето на Русија во внатрешните работи на САД.

Втор ден по ред претседателот Доналд Трамп го користи Твитер за да го критикува Сешнс сугерирајќи дека демократската кандидатка на минатогодишните претседателски избори Хилари Клинтон, е таа што треба да биде под истрага.

Сенаторката Дајан Фајнстајн, од Комисијата за правосудство, го повика Сешнс да се појави пред комисијата што е можно поскоро, за да одговори на прашања за неговите разговори со поранешниот руски амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кислјак за време на претседателската кампања во 2016-та година. Во тоа време, Сешнс беше консултант во тимот на Трамп, но исто така беше член на Сенатот од сојузната држава Алабама.

„Вашингтон пост“ во петокот објави дека Кислјак минатата година им рекол на своите претпоставени во Москва дека со Сешнс разговарал за прашања поврзани со кампањата, спротивно на она што Сешнс го кажал за овие состаноци. Весникот објави дека информациите доаѓаат од пресретнати комуникации меѓу Кислјак и неговите претпоставени во Москва.

Ал Франкен, друг демократски член на Комисијата за правосудство и критичар на Трамп, наводниот разговор меѓу Сешнс и Кислјак го нарече „многу вознемирувачки развој за односите меѓу тимот на Трамп и Русија“.

Во март, Сешнс се откажа од истрага за Русија, по извештаите дека не открил целосни детали за неговите контакти со Кислјак, кога сведочеше пред Сенатот за да биде потврдено неговото назначување за генерален правобранител.

Во минатонеделното интервјуто за „Њујорк тајмс“, Трамп кажа дека никогаш нема да го избрал Сешнс за главен правобранител, ако знаел дека Сешнс ќе се повлече од истрагата за Русија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG