Линкови за пристапност

Започна распитот во Сенатот за потврда на номинациите на Трамп


Прв на листата е Џеф Сешнс, номиниран на функцијата главен правобранител

Во Сенатот започна првиот распит за потврда на номинациите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во неговата администрација.

Распити за осуммината номинирани ќе се одржуваат во текот на целата недела, а прв на листата е републиканскиот сенатор Џеф Сешнс од Алабама, кој се очекува да биде назначен на функцијата главен правобранител.

Тој се соочува со тешки прашања од демократите за неговиот однос спрема Афро-Американците и неговите активности околу имиграционите реформи. Пред 30 години, Сенатот ја отфли неговата номинација за федерален судија, заради наводите дека дал навредливи коментари на расна основа. Сешнс го отфли ова обвинување.

Сешнс беше прв сенатор кој даде поддршка на кандидатурата на Трамп, во време кога политичкиот Вашингтон сметаше дека тој нема шанси да ја добие републиканската претседателска номинација, како и трката за Белата куќа.

Трамп 70-годишниот Сешнс го нарече, „човек со високи квалитети“.

Новоизбраниот претседател на САД во понеделникот изјави дека Сенатот ќе ги потврди сите негови номинации. Трамп во Њујорк и натаму се среќава со политички и деловни лидери, 11 дена пред инаугурацијата.

XS
SM
MD
LG