Линкови за пристапност

Сенатот денес повторно ќе гласа за економскиот пакет од 1.8 трилиони долари


Оваа мерка предвидува директна парична помош за преку 90 отсто од Американците, како и за бизнисите погодени од КОВИД-19

Сенатот на САД денес повторно ќе се обиде да го изгласа економскиот пакет од 1.8 трилиони долари, кој предвидува директна парична помош за граѓаните и за многу бизниси, погодени од пандемијата на коронавирус.

Лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел, рече дека расправата ќе продолжи денес, откако Сенатот вчера не успеа да обезбеди двопартиска поддршка, бидејќи демократите се противат на делови од ова законско решение.

Економскиот пакет би требало да ја стимулира американската економија, со испраќање парична помош директно на преку 90 отсто од Американците, како и на многу бизниси, за да им помогне да се справат со последиците од КОВИД-19.

Демократите сметаат дека оваа мерка предвидува премногу бенефиции за корпорациите. Според нив, повеќе од федералните пари треба да одат кон здравствените центри, домовите за грижа, маски, респиратори, опрема за лична заштита, како и за помош на локалните и сојузните власти да се справат со вирусот.

Додека законодавците се обидуваат да го донесат економскиот пакет, акциите на берзите продолжуваат да паѓаат.

Вол Стрит ја доживеа најлошата недела од 2008 година, а инвеститорите очекуваат Конгресот да им помогне да ги надоместат загубите.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, рече дека демократите ја завршуваат нивната верзија на економски пакет, кој одговара на потребите за справување со последиците од коронавирусот, и е многу различен од законот поддржан од републиканците во Сенатот.

Двата дома на Конгресот евентуално ќе мора да ги обединат нивните предлози. Според првичните очекувања, Конгресот требаше да го испрати законот кај претседателот Доналд Трамп до средина на оваа недела, но, не е јасно дали ќе се постигне двопартиска согласност.

Бројот на заболени во САД се зголемува, со околу потврдени 34.000 заразени лица, и 450 смртни случаи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG