Линкови за пристапност

Гласање во Сенатот за состојбата во Јемен


Ако биде изгласан, законот треба да стави крај на американската поддршка за воената интервенција на Саудиска Арабија во граѓанската војна во Јемен

Сенатот на САД ќе продолжи со разгледување на законот со која треба да се стави крај на американската поддршка за воената интервенција на Саудиска Арабија во граѓанската војна во Јемен. Гласањето е планирано за денеска.

Малку републикански сенатори се очекува да им се приклучат на демократите и конечно да го усвојат законот.

Комората предводена од републиканците на гласање во средата со 60 наспрема 39 гласови се изјасни да започне дебатата за мерката, постапувајќи спротивно од администрацијата на Трамп, која е против прекин на соработката меѓу Вашингтон и долгогодишниот сојузник Ријад.

„Треба да се стави крај на соучеството на САД во бомбардирањето на цивилите и убивањето деца (во Јемен), всушност во воени злосторства,“ изјави за Гласот на Америка демократскиот сенатор од Конектикат, Ричард Блументал.

„Законот укажува дека во оваа ужасна војна Конгресот е подготвен да дејствува. Се надевам дека многумина од нас ќе ја искористат оваа можност,“ рече независниот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, кој е коавтор на оваа мерка.

Законот се заснова на уставната должност на Конгресот да прогласува војна и да ги одобрува американските воени мисии. Американското законодавство не ја одобри американската поддршка на кампањата на Саудиска Арабија за борба против јеменските бунтовници, поддржани од иранските сили, конфликт кој доведе до широки цивилни жртви и се карактеризира како една од најлошите хуманитарни катастрофи во светот.

Но, некои имаат забелешки од овој аспект.

„САД не се вклучени во борбите (во Јемен). Не ја отфрлаат уредбата. Повеќе не обезбедуваат полнење воздух-воздух (за саудиските воени авиони),“ рече лидерот на Републиканците Мич Меконел од Кентаки. „Ако Сенатот сака уставна борба со извршната власт во врска со воените овластувања, би советувал моите колеги да изберат подобар случај.“

Официјални претставници на администрацијата на Трамп тврдат дека конфликтот во Јемен би бил уште посмртоносен, без вмешаноста на САД, што му помогна на Саудиска Арабија да ги идентификува бомбашките цели. Меконел го повтори овој аргумент.

„Овој закон ќе претставува закана за поддршката што САД ја нудат за да се подобри остварувањето на целите на коалицијата и да се ограничат цивилните жртви“, рече лидерот на мнозинството.

Говорејќи во Обединетите нации во средата, државниот секретар Мајк Помпео истакна дека администрацијата на Трамп веќе санкционираше „голем број лица одговорни за грозоморното убиство на Џамал Кашоги“, при што додаде дека истрагата ќе продолжи.

Но, Помпео нагласи дека „Американскиот интерес во регионот е важен, како и партнерството со Кралството Саудиска Арабија. Тоа дава значаен придонес за американската безбедност и ние имаме намера да продолжиме да соработуваме со Кралството Саудска Арабија со цел да ја зачуваме Америка безбедна.“

Трамп изјави дека одговорноста за смртта на Кашоги останува отворено прашање и стави акцент на негирањата на Ријад дека принцот Мохамед бин Салман имал некаква улога.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG