Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф денеска упати предупредување против оние кои би можеле да разгледуваат напад на Иран како одговор на нападот врз саудиските нафтени објекти, откако американскиот државен секретар Мајк Помпео директно го обвини Иран, велејќи дека тоа што се случи во Саудиска Арабија е „акт на војна“.
Зариф, во порака на Твитер, цитираше група која ја нарече „Б тим“ составена од американски официјални претставници и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за кој тој смета дека има намера да води војна против Иран. Тој рече дека тие се обидуваат да го „измамат“ американскиот претседател Доналд Трамп за започнување ваков конфликт.
„За нивно добро, треба да се молат да не го добијат она што го бараат“, рече Зариф. „Тие се уште плаќаат за многу помала војна во Јемен. Беа премногу арогантни за да стават крај пред четири години“.
Помпео е во Абу Даби на разговори за тоа како ќе се одговори на нападите со кои привремено се намали дневното производство на нафта на Саудијците за 5,7 милиони барели, што е речиси 6% од глобалното снабдување со нафта.
По состанокот во средата со саудиските власти, Помпео рече дека: „САД ја поддржуваат Саудиска Арабија и нејзиното право да се брани и дека загрозувачкото однесување на иранскиот режим нема да се толерира“.
Трамп во средата изјави дека САД имаат „многу опции“, покрај воено, да одговорат на Иран.
„Ние сме во многу силна позиција“, рече Трамп.
Изјавата на Трамп дојде неколку часови откако тој изјави дека „значително“ ги зголемува економските санкции против Иран по нападите на нафтено поле во Саудиска Арабија, за кои Вашингтон вели дека потекнуваат од Техеран.
Facebook Forum