Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска патува во Ријад каде со саудиските власти ќе разговара за нападот врз нафтените постројки на Саудиска Арабија за кој официјалните претставници на САД веруваат дека потекнува од Иран.
Потпретседателот Мајк Пенс во Вашингтон изјави дека највисокиот американски дипломат ќе разговара за „одговор“ на нападот.
Бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, ја презедоа одговорноста за нападот во саботата, кој попречи половина од производството на нафта на Саудиска Арабија. Но, официјалните претставници на САД велат дека достапните докази покажуваат дека тоа не е можно.
„Сметаме дека ова не потекнува од Јемен или Ирак“, изјави вчера за Гласот на Америка претставник на американската одбрана, додавајќи дека американски тим на форензичари е на терен и работи заедно со Саудијците со цел да се испитаат остатоците од проектилите.
„Сметаме дека доказите ќе бидат убедливи“, додаде официјалниот претставник.
Покрај ова, други официјални претставници на САД велат дека доказите што веќе се собрани се конечни и упатуваат директно на Иран.
Неименувани официјални лица во вторникот за NBC News изјавија дека повеќе од 20 беспилотни летала и проектили користени во нападот врз саудиските нафтени објекти биле лансирани од Иран.
Facebook Forum