Демократите во Конгресот го повикуваат главниот правобранител Џеф Сешнс да се повлече од истрага за мешање на Русија во изборите во ноември или да поднесе оставка на функцијата, по информацијата дека Сешнс минатата година се сретнал со рускиот амбасадор во САД.
Сешнс ја поддржа кандидатурата на претседателот Доналд Трамп, а додека беше сенатор, беше и советник во неговата кампања.
По номинацијата за прв човек на Одделот за правда, за време на распитот во јануари Сешнс беше прашан што ќе стори доколку се појават докази дека некој од кампањата на Трамп бил во контакт со Русија.
Тој одговори: „Не сум имал комуникации со Русите и не можам да коментирам по прашањето“.
Сешнс се сретнал со амбасадорот Сергеј Кисљак во јули, на настан пред одржувањето на Републиканската национална конвенција, а потоа и во септември во неговата канцеларија на Капитол хил.
Претставник на Белата куќа изјави дека разговорите биле во рамки на официјалните овластувања на Сешнс како член на Сенатската комисија за вооружени служби, што целосно се совпаѓа со неговото сведочење.
Во меѓувреме, лидерот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, и претседавачот на Комисијата за надзор и владини реформи, Џејсон Чавез, се приклучија на повиците главниот правобранител да ја разгледа опцијата да не учествува во федерална истрага за Русија.
Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков денеска изјави дека „не знае за какви било средби“ меѓу главниот правобранител, а тогаш сенатор, Џеф Сешнс и рускиот амбасадор Кисљак за време на минатогодишната претседателска кампања во САД.