Линкови за пристапност

Дали санкциите против Русија ќе имаат ефект?


Интересно ќе биде да се види колку далеку САД се подготвени да одат да ја казнат Москва, велат аналитичарите.

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша договор со кој го прави Крим дел од Русија по неделниот референдум во кој жителите на украинскиот полуостов со големо мнозинство гласаа за приклучување кон Русија. Но, многу надворешни стручњаци покренуваат прашања за легитимитетот на гласањето.

Резултатите кои се соопштени беа: 97 проценти од тие што гласале се за присоединување кон Русија. И дека одзивот бил 80 проценти.

Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека референдумот бил во согласност со меѓународните и демократски норми.

Но многу аналитичари, вклучувајќи го и Роберт Легволд од Универзитетот Колумбија, го поставува прашањето за резултатот.

„Ако тоа беше чесно гласање и сите групи учествувале, би верувал дека наместо огромно мнозинство, резултатот би бил некаде околу 52 до 53 проценти, имајќи го предвид процентуалниот сооднос на групите во Крим,“ кажа Легволд. „Фактот што се известува за 97 проценти од 80 проценти излезени на гласање, создава сомневање дека не се работело само за сенката на руското армиско присуство, туку и некоја манипулација.“

Метју Роџански од Вилсон Центарот кажа дека про-руските власти во Крим нема да држеле референдум ако не биле сигурни во исходот.

„Имам чувство дека ова беше продукт на времињата во кои имаше реално насобрано стравување и притисок од вооружени лица – нема ништо толку силно како пушка вперена во вашето лице.“

САД и ЕУ го опишаа референдумот како илегален и кршење на украинскиот устав. Вашингтон и Брисел реагираа брзо, поставувајќи забрани за патување и трговски санкции за 28 руски официјални лица и четворица Украинци.

Белата куќа кажа дека тие што се најдоа на листата биле штитеници на Путин.

„Луѓето на кои Путин се потпира, се доволно блиску до него да се подготвени да изгубат, подготвени се да ги сносат последиците на тие поединечни санкции,“ кажа Метју Роџански. „И второ, Путин специфично им помогна да ги ограничат последиците на тие индивидуални санкции.“

Роџански рече дека во текот на изминатата година ипол, Путин ги поттикнал високите руски претставници да ги повлечат нивните вложувања во странство – со други зборови, да го донесат нивното богатство назад во Русија.

„Секој што се согласува со него е во добра состојба и не треба да се грижи за меѓународните санкции,“ рече тој. „И секој што не се согласува – има проблем.“

Роџански верува дека сегашните санкции не се доволно силни имајќи предвид дека Русија извршила инвазија на друга држава. Американските официјални лица јасно кажаа дека повеќе санкции ќе дојдат доколку Путин продолжи да се движи против Украина.

„Мислам дека Путин не ни верува. Мислам дека не верува дека ќе поставиме санкции што ќе го заболат, на пример на енергетскиот сектор,“ кажа Роџански. „Мислам дека тој не верува во нашата решителност зашто ние не кажавме јасно дека сме подготвени да го поднесеме нашиот дел од болката.“

Роберт Легволд кажа дека посилни санкции може да имаат негативно влијание на глобалната економија.

„Секој потег што ја ескалира казната исто така ја ескалира цената за оние кои казнуваат,“ рече тој.

Аналитичарите велат дека ќе биде многу тешко, ако не и невозможно – да се поврати тоа што е веќе направено во Крим. Експертите исто така велат дека би било интересно да се види колку далеку САД и западните сојузници се подготвени да одат за да ја казнат Русија за нејзините дејсвија.
XS
SM
MD
LG