Линкови за пристапност

Анализа: Релациите САД – Русија по надолна линија


Идејата на претседателот Обама подобрувањето на односите да ги направи приоритет на неговата надворешна политика не се остварува.

Надворешната политика за време на првиот мандат на претседателот Барак Обама беше доминирана од таканареченото „репрограмирање“ на политиката спрема Москва, која беше на мошне ниско ниво за време на последните неколку години од администрацијата на претседателот Буш.

Резултат на таа определба беше Стратешкиот договор за контрола на вооружувањето. Москва им дозволи на американските сили руската територија да се користи како транзитна зона кон и од Авганистан. Русија исто така гласаше во ОН за воведување на поостри санкции за Техеран поради наводната програма за нуклеарно оружје. Дополнително, Вашингтон играше клучна улога Русија да биде примена во Светската здравствена организација.

Но сега, велат аналитичарите, односите меѓу двете земји повторно се влошуваат.

Роберт Легволд е професор на Универзитетот Колумбија. Тој вели дека променливоста во односите Вашингтон-Москва не е ништо ново.

„Се случи за време на администрацијата на Клинтон по проширувањето на НАТО и за време на војната во Косово во 1999-та, односите беа на ниско ниво на крајот на мандатот на Клинтон, немавме ништо постигнато. Бевме на ниво како и сега. Се случи истото по терористичките напади во 2001-та и годините од 2003-та наваму, со војната во Ирак и во Грузија во 2008-та. Потоа, администрацијата на Обама и тогашниот претседател Медведев како да излегоа од дупка. Сега сме повторно таму и не сме изнашле начин да излеземе од тој циклус“, изјави Легволд.

Експертите велат дека главното несогласување меѓу САД и Русија е војната во Сирија. Вашингтон сака да го симне сирискиот претседател Башар ал-Асад од власт, додека Москва го поддржува и дипломатски и со оружје.

Метју Роџански е директор на Институтот Кенан при Центарот Вилсон. Тој вели дека руското противење го надминува прашањето за промена на режимот.

„Второто прашање е што ќе се случи отакако Асад ќе падне од власт? Што тогаш? Тие ја гледаат ситуацијата во Египет, во Либија, Ирак, Авганистан и тие не гледаат ниту еден случај во кои би биле комотни, со активности против исламизмот, шверцот со оружје, ширењето на терористи џихадисти ...“, смета Роџански.

Многумина експерти додаваат дека таканареченото ембарго на граѓанското општество од страна на рускиот претседател Владимир Путин, исто така има негативно влијание на американско-руските односи. Но има и други точки на несогласување – како противракетната одбрана и фактот што Русија му даде привремен азил на поранешниот работник под договор во американското разузнавање Едвард Сноуден. Дали ќе има подобрување и кога, стручњаците не се обидуваат ни да погодуваат, особено во време кога „репрограмирањето“ е само – спомен.
XS
SM
MD
LG