Линкови за пристапност

САД и Русија започнаа разговори за контрола на оружјето


Администрацијата на Трамп ја покани Кина да учествува на разговорите во Виена, но Пекинг одби

Делегации на САД и Русија денеска и утре во Виена, по повеќе од една година пауза, ќе разговараат за нивните нуклеарни арсенали.

Претседателот Доналд Трамп се повлече од неколку американски договори со Русија, вклучително и оние за прелети и нуклеарни сили со среден дострел.

Специјалниот претставник на претседателот на САД за контрола на оружјето, амбасадорот Маршал Билингсли,ја предводи американската делегација. Руската делегација е предводена од рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков. Тие треба да разговараат за меѓусебно договорените теми поврзани со иднината на контролата на оружјето, се вели во минатонеделната изјава на Стејт департментот.

Трамп рече дека Кина треба да биде вклучена во разговорите за Новиот СТАРТ, тврдејќи дека до сега Пекинг постапувал како што сакал во развојот на својот оружен систем.

„Соединетите американски држави упатија отворена покана до Народната Република Кина да се приклучи на овие дискусии, и јасно ја истакнаа потребата сите три држави да започнат преговори за контрола на оружјето со добра волја“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Кинеската влада ја одби поканата преку Министерството за надворешни работи, велејќи претходно овој месец дека „сè уште не е време Кина да учествува во преговорите за нуклеарно разоружување“.

Билингсли одговори во порака на Твитер: „Кина ... треба да ја преиспита одлуката. Постигнување статус на голема моќ бара однесување со одговорност за голема моќ. Нема веќе голем ѕид на тајност за нуклеарниот развој. Седиштето ја чека Кина во Виена“.

Договорот меѓу САД и Русија, Нов старт - договорен во 2010 година, ја ограничува секоја од страните договорнички на 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави. Договорот истекува во февруари 2021 година.

Експертите за вооружување велат дека времето е прекратко за да се обнови сложениот договор меѓу САД и Русија, а камоли да се преговара и да се изработи нов договор за Кина, при што брзо се приближуваат претседателските избори во САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG