Се интензивираа воздушните напади во области близу Алепо, северна Сирија, кои се под контрола на бунтовниците.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија јави за најмалку 30 напади коишто почнале во текот на ноќта и продолжиле рано утрово.
Сириската цивилна одбрана соопшти дека во нападите биле погодени две од нејзините згради.
Американски воени и разузнавачки претставници се прашуваат дали Русија има волја или капацитет да стори нешто во однос на растечката криза во Сирија, обвинувајќи ја Москва за пролонгирање на хуманитарната катастрофа.
Реакцијата уследи откако сириската армија во четвртокот најави нова кампања за повторно преземање на областите околу Алепо под контрола на бунтовниците, со што се намалува надежта за повторно воведување на прекинот на огнот и достава на хуманитарна помош до цивилното население.
„Русија може да надомести доколку употреби добра волја за имплементација на политичкиот процес“, изјави претставник на разузнавањето на САД за Гласот на Америка, кој побара да остане анонимен. „Сепак, постојат малку индикации дека Русија ќе употреби разумност да го стори тоа“.
Тој додаде дека единствениот прифатлив исход од кој и да е политички процес би бил отстранување на сирискиот претседател Башар Ал Асад од власт.