Линкови за пристапност

Русија ќе им помага на компаниите погодени од американските санкции


Русија соопшти дека ќе ги поддржи компаниите погодени од новите американски санкции. Најавата дојде по падот на вредноста на руските акции.

Во коментарот на вицепремиерот Аркадиј Дворкович објавен од страна на државните новински агенции, се вели дека Русија е подготвена да ги поддржи компаниите ако нивните позиции се влошат.

„Имаме внимателен пристап кон нашите водечки компании. Тие значат илјадници работни места, многу важни работни места за нашата држава“, се вели во цитатот од новинската агенција Тас.

Вредноста на акциите во компанијата за производство на алуминиум, „Русал“, контролирана од милијардерот Олег Дерипаска, паднаа за повеќе од 50 проценти на берзата во Хонг Конг.

Од „Русал“ соопштија дека санкциите „може да резултираат со технички загуби во врска со одредени кредитни обврски“.

Дерипаска контролира бизнис империја поврзана со производство на алуминиум, енергија и градежништво. Тој се најде во истрагата во руското мешање во изборите во САД, поради неговите врски со поранешниот претседател на кампањата на претседателот Доналд Трамп Пол Манафорт, кој своевремено работел како негов консултант.

Според магазинот Форбс, богатството на 55 годишниот Дерипаска се проценува на 5,3 милијарди долари.

На московската берза, денес акциите се тргуваа повисоко, по претходниот пад во висина од речиси 10 проценти.

Компаниите за метали беа меѓу најголемите губитници.

Еврото се тргуваше над 73 рубљи, за прв пат од септември 2016-та година, додека доларот достигна 60 рубљи.

Одделот за финансии на САД во петокот објави санкции против седум водечки руски бизнисмени, 17 службеници и десетици руски компании.

(Асошиетед прес)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG