Линкови за пристапност

Паднаа првите обвиненија


Пол Манафорт, Рик Гејтс и Џорџ Пападопулос се обвинети по истрагата за вмешаност на Русија во претседателските избори во САД

Пол Манафорт, кој минатата година три месеци беше менаџер на кампањата на претседателот Доналд Трамп, е обвинет за заговор против САД, перење пари и лажење на владата. Тој наводно правел напори за лобирање во корист на поранешниот украински претседател, Виктор Јанукович.

Манафорт и неговиот поранешен соработник, Рик Гејтс, беа обвинети од федерална порота во Вашингтон, како дел од специјалната кривична истрага на Роберт Мулер за вмешаноста на Русија во минатогодишните претседателски избори.

Манафорт вчера се предаде на претставници на ФБИ во Вашингтон.

Покрај тоа, Мулер објави дека поранешниот советник за надворешни работи на Трамп, Џорџ Пападопулос на 5-ти октомври се изјаснил за виновен, дека во јануари ги лажел федералните агенти за неговите контакти со лица „за кои знаел дека имаат блиски врски со виши претставници на руската влада“.

Трамп не го коментираше случајот на Пападопулос, но во март 2016-та година го опиша како „консултант за енергетика, одличен човек“.

Поранешната ривалка на Трамп, Хилари Клинтон вака реагираше на најновите случувања:

„Ќе им оставам на истражителите да одлучат дали имало незаконско однесување, но не ни треба долга истрага за да ни биде кажано дека Трамп ја игнорира разузнавачката заедница и одбива да се спротивстави на противникот кој веќе не` нападна. Тој не ја исполнува обврската за грижа на нашите национални интереси“.

На вчерашниот брифинг за новинарите, портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, изјави дека овие настани не се релевантни за претседателот или неговата претседателска кампања.

Фокусот на Мулер на Манафорт, Гејтс и Пападопулос, е важен момент во истрагата за руската вмешаност во изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG