Американскиот главен правобранител, Џеф Сешнс денеска сведочи на јавното сослушување во Сенатската комисија за разузнавање, околу неговите контакти со рускиот амбасадор во САД, како и за неговата вмешаност во отпуштањето на директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми.
Денешното сослушување е најнов чекор меѓу неколкуте тековни истраги за наводното руско мешање во изборите во САД.
Сешнс се повлече од истрагата на ФБИ во март, откако призна дека на двапати разговарал со рускиот амбасадор Сергеј Kисљак пред изборите во ноември.
За време на потврдата на функцијата во јануари, тој кажа дека не се сретнал со ниту еден Русин за време на кампањата, а Одделот за правда соопшти дека разговорите биле дел од неговите обврски како сенатор.
За време на денешното сведочење Сешнс изјави дека каква било сугестија оти бил дел во вмешаноста на Русите, е „ужасна и мошне невкусна лага“.
Во своето воведно излагање, тој рече дека е обврзан да ги заштити приватните комуникации со претседателот Трамп, навестувајќи дека нема да одговори на одредени прашања во врска со отпуштањето на Коми.
Сослушувањето се случува на помалку од една недела по сведочењето на Коми пред истата Комисија околу Русија.
Претходно претседателот Доналд Трамп спомена дека можно е да постои аудио снимка од приватната работна вечера со Коми, за што Коми кажа дека се надева оти е вистина.
Белата куќа до овој момент не обелоденува дали има вакви снимки, но, републикански законодавци од администрацијата на Трамп бараат доколку постојат, тие да бидат објавени.
Facebook Forum