Според Њујорк тајмс, одредени претставници на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, вложиле напори идните истражители да можат полесно да ги најдат информациите за можната поврзаност меѓу кампањата на Доналд Трамп и руски претставници.
Весникот написот го базирал на изјави на неколкумина сегашни и поранешни претставници. Некои од нив, рекле дека „целта им е да привлечат внимание за материјалот и да обезбедат Конгресот да спроведе соодветна истрага“.
Њујорк тајмс додава дека информацијата дошла од неколку сојузници на САД, вклучувајќи ги Британија и Холандија, при што се опишуваат средби меѓу руски претставници и соработници на Трамп во европски градови. Воедно, се наведува дека американска разузнавачка агенција пресретнала разговори на руски официјални лица со соработници на претседателот Трамп околу контакти.
Трамп отфли претходен извештај на Њујорк тајмс дека американски власти поседуваат информации за неколкукратни контакти меѓу лица од неговата кампања и претставници на руското разузнавање.
Во најновиот извештај на весникот се додава дека според поранешни виши претставници на администрацијата, лично Обама не бил вмешан во споменатите напори за обезбедување на тие информации.