Американскиот потпретседател Џозеф Бајден го позрави развојот на деловниот пазар во Русија, но избегна да коментира на предлогот на рускиот премиер Владимир Путин за безвизен режим меѓу двете земји.
Бајден е во дводневна посета на Москва, во рамки на политиката на претседателот Обама за „ресетирање“ на односите меѓу двете земји.
Путин кажа дека важен чекор во зајакнување на врските би било да се прекине со „застарените стереотипи“ и да се воведе безвизен режим на патување. Москва врши притисок за постигнување на сличен договор и со ЕУ.
Бајден на ова само коментираше дека „тоа е добра идеја“.
Пред средбата со Путин, Бајден разговараше со активисти за човекови права и претставници на опозицијата кои се загрижени за нарушување на човековите права во Русија.
Бајден вчера се сретна со рускиот претседател Дмитриј Медведев, со кого разговараше за деловните односи и долгогодишната кандидатура на Русија да стане членка на Светската трговска организација.