Рускиот претседател Владимир Путин во средата рече дека неговата земја ќе започне да развива нуклеарни проектили од среден дострел ако САД се повлечат од договорот за нуклеарно вооружување и започнат да развиваат свое оружје.
За руските новински агенции Путин изјави дека американското повлекување од договорот би значело дека Вашингтон заклучил дека „мора да го има ова оружје“ и тогаш Москва “ќе го стори истото“.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео во вторникот на средба со министрите во НАТО во Брисел рече дека ќе биде започнат шест месечен процес на повлекување од Договорот за нуклеарно вооружување, ако Москва не се однесува согласно со договорот.
Помпео ја обвини Русија за распоредување на “ракетни системи SSC-8“, проектили со среден дострел способни да носат нуклеарни боеви глави. Москва го негираше распоредувањето на вакви системи за оружје.
“Нема логика САД и натаму да останат дел од договор кој го ограничува нашиот капацитет да одговориме на прекршувањата од страна на Русија. Русија ја промени траекторијата за намалување на нуклеарниот ризик во Европа,“ изјави Помпео за новинарите во Брисел.
Договорот од 1987 година, постигнат помеѓу тогашниот претседател на САД Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов, ги елиминираше сите нуклеарни проектили со дострел помеѓу 500 и 5.500 километри, намалувајќи ја можноста да се лансира нуклеарен напад за кус временски период.
Стравувајќи од нова трка за вооружување во Европа, сојузниците на НАТО изразија загриженост поради заканата на САД за повлекување од договорот. Меѓутоа, министрите за надворешни работи на НАТО во вторникот се согласија официјално да прогласат дека Русија „материјално го прекршува“ договорот.
„Ниту една европска држава не се спротивстави на американската позиција. Разузнавачките информации укажуваат на грубо кршење на овој договор од страна на Русија. Затоа, мислам дека американскиот аргумент би бил: „Да се здружиме и да пренесеме строга порака до Москва дека ако сака договорот да биде спасен, ќе мора да направи отстапка и ќе мора да се придржува кон договорот,“ изјави за Гласот на Америка, Џонатан Ејал, меѓународен директор на Институтот Royal United Services во Лондон.
Facebook Forum