Линкови за пристапност

Законодавците загрижени за „лошото однесување“ на Русија


На распит во Сенатот тие повикаа САД да извршат поголем притисок против руската агресија

За време на распит во Сенатската комисија за односи со странство, законодавците изразија загриженост дека администрацијата на претседателот Барак Обама можно е да не вложува доволно напори да се спротистави на, како што го нарекуваат, лошото однесување на Русија во Украина и Грузија.

„Загрижен сум дека пораката што рускиот претседател Владимир Путин ја добива од нашата реакција е дека агресијата и можностите за неговото тестирање на ограничувањата, е вистинскиот пристап“, истакна демократскиот сенатор Боб Менендез.

Станува збор за руската анексија на Крим во 2014-та и неговата поддршка за сепаратистите во источна Украина.

Во 2008-та година, Русија воено интервенираше во Грузија, а подоцна ги призна отцепените републики Јужна Осетија и Апхазија како независни држави.

„Зошто да немаме поагресивен ангажман во користење на дипломатските средства коишто да се надеваме дека ќе можат да ни` помогнат Русија да разбере дека има последици?“, праша Менендез за време на распитот.

Русија плати „висока цена“ за својата агресивност, рече помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Викторија Нуланд, преку американските и мултинационалните санкции.

По руската анексија на Крим од Украина, САД и ЕУ воведоа санкции против Русија во неколку етапи и тоа преку замрзнување на имотот, забрани за патувања и други казни.

Одвоено, светските сили ги повикаа и Русија и Украина целосно да го имплементираат Договорот од Минск за прекин на огнот, чија цел е ставање крај на борбите меѓу провладините украински борци и проруските бунтовници.

Месецов, ЕУ разгледува дали ќе воведе пошироки и точно насочени санкции против Москва заради нејзината вмешанот во Украина.

Нуланд истакна дека САД се „внимателни отимисти“ дека ЕУ ќе ги прошири казните.

Допонително, САД обезбедуваат воена помош за украинските сили. Заменик-помошникот државен секретар за одбрана, Мајкл Карпентер, изјави дека САД годинава имаат одвоено 355 милиони долари за обука и опрема за украинските сили.

Но, законодавците го поставуваат прашањето дали САД прават доволно да внесат промени во однесувањето на Русија.

„Постои голема фрустрација од страна на американските законодавци“, истакна аналитичарот на владините односи со странство, Адам Ерели.

Постои загриженост дека Русија „продолжува да води војна, да ги нарушува границите, да презема територии на други земји, и за тоа плаќа многу мала цена“, вели тој.

Прашањата воедно доаѓаат во време кога постои соработка и тензија меѓу САД и Русија околу напорите за пораз на милитантите на Исламската држава во Сирија.

Исто така, обете земји се дел од Меѓународната група за поддршка на Сирија. Но, американски претставници велат дека сириските воздушни напади поддржани од Русија, главно целат на бунтовници, а не на терористи во Сирија.

Републиканскиот сенатор Џон Барасо постави прашање кога САД ќе ја „казнат“ Русија за прекршување на историскиот Договор за забрана на нуклеарни тестирања.

Вашингтон ја обвини Москва за прекршување на Договорот за тестирање на проектили од среден домет.

Нуланд пред законодавците истакна дека САД се вклучени во дискусии со Русија во обид земјата да го почитува одредбите, а со сојузниците работат на ставање притисок врз Москва заради прекршувањата.

Прашањата на законодавците доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и САД и нивните западни сојузници околу воената вежба на НАТО во Полска.

Целта на вежбата делумно е да ги разубеди земјите од Централна и Источна Европа за безбедноста во регионот. Овие држави се загрижени за руските активности во Украина.

Русија ја осуди вежбата, велејќи дека „не придонесува во атмосферата на доверба и безбедност“.

XS
SM
MD
LG