Линкови за пристапност

Матис: Очигледно е дека Москва стои врз нервниот напад во Британија


Вашингтон се надева дека повеќе држави ќе го следат нивниот пример во одговор против руското однесување

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис ја обвини Русија за опасно и несовесно однесување, велејќи дека тоа е „прилично очигледно“.

Москва стои зад употребата на нервен агенс врз поранешниот руски шпион и неговата ќерка во Британија, изјави Матис вчера од Пентагон.

Белата куќа соопшти дека повеќе од 25 земји протерале 150 руски шпиони на разузнавачките служби кои „се криеја под дипломатските засолништа“, и оти Вашингтон се надева дека повеќе нации ќе го следат нивното водство.

„Сигурно дека вршиме притисок врз Русија. Ние секако, работиме со нашите сојузници и партнери, за да извршиме притисок“, рече портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс, повикувајќи се на бројот на земји кои дадоа поддршка на акциите против Русија „без преседан“.

По реакциите од Пентагон и од Белата куќа, вчера, следуваше реакција и од страна на НАТО, објавувајќи дека ќе протера седум руски дипломати, а ќе ја укине и акредитацијата на уште тројца други, како дел од „широкиот, силен и координиран“ меѓународен одговор.

„Ова ќе испрати јасна порака до Русија дека ќе се соочи со последиците за нивниот неприфатлив начин на однесување“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

САД во понеделникот им наредија на 60 руски дипломати обвинети за шпионажа да ја напуштат земјата во рок од една недела, и наредија затворање на конзулатот на Русија во градот Сиетл, во сојузната држава Вашингтон до 2-ри април.

Русија негира каква било вмешаност во нападите со нервен гас во Британија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG