Линкови за пристапност

Русија ќе стави повеќе Американци на црна листа


Ваквата најава уследи по воведување на новите санкции од САД, за руско мешање во претседателските избори во 2016-та година

Русија ќе додаде повеќе Американци на „црната листа“, како одговор на новите санкции воведени против Русите, обвинети за мешање во изборите во САД.

Руската информативна агенција „РИА Новости“ го цитираше заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој рече дека Русија подготвува санкции против „група американски правни и физички лица“ и можни други дополнителни чекори.

Агенцијата објави дека Рјабков ги обвинува САД оти ја загрозуваат глобалната стабилност, но, додава дека Москва сака да го одржи дијалогот со Вашингтон, и покрај тоа што е принудена да преземе контрамерки, кои произлегуваат од „американската политичка тврдоглавост“.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, во четвртокот најави санкции против 19 Руси и пет компании, обвинети за мешање во изборите во 2016-та година.

САД истовремено се приклучија на силната меѓународна осуда на Русија за нападот со нервниот агенс во Велика Британија.

На новинарско прашање за овој инцидент, Трамп одговори:

„Изгледа дека Русите стојат зад него“, рече тој, оценувајќи го настанот како „многу тажна ситуација“.

Трамп додаде дека САД го разгледуваат прашањето многу сериозно, како што тоа го прават и другите.

Тој беше неодлучен во критикувањето на рускиот претседател Путин, и дали да преземе посилни мерки против Русија.

Владата на САД им се придружи на Велика Британија, Франција и на Германија, поддржувајќи го тврдењето на Лондон дека Русија е одговорна за нападот.

Во заедничкото соопштение се вели дека „не постои веродостојно алтернативно објаснување“ и оти „неуспехот на Русија да се осврне на легитимното барање на Владата на Обединетото Кралство, ја нагласува одговорноста на Русија“.

Санкциите на Министерството за финансии на САД се наменети кон две руски разузнавачки агенции, Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Главната разузнавачка управа (ГРУ).

Специјалниот советник за Русија Роберт Мулер, веќе обвини 13 Руси за мешање во американските претседателски избори. Истите овие лица се во најновата група што и официјално се санкционираше вчера.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG