Русинката Марија Бутина која се претставувала како застапник за правата за поседување оружје и која негувала блиски врски со Националната асоцијација за оружје (NRA) во името на Русија беше обвинета за заговор за инфилтрирање во политички организации во САД, како дел од операциите на Москва.
На Твитер профилот на дваесет и девет годишната Бутина стои дека таа е основач и член на одборот на групата „Право за носење оружје.“ Групата работела под надзор на виш руски владин функционер. Таа беше уапсена во неделата во Вашингтон од страна на ФБИ.
Бутина вчера се појави во федерален суд за да се соочи со обвиненија за заговор да дејствува како претставник на руската влада во САД, без да го извести главното правобранителство.
Судијата одредил таа да биде задржана, се до следното сослушување закажано за утре.
Во исказот на ФБИ, Бутина се опишува како „таен руски агент“ која неколкупати ги посетила САД. Таа во август 2016-та година добила студентска виза да живее во Вашингтон.
Во исказот не е именуван рускиот службеник за кој таа работела, но описот се совпаѓа со Александар Торшин, заменик гувернер на Руската централна банка и поранешен сенатор од партијата Обединета Русија на Владимир Путин.
Адвокатот на Бутина, Роберт Дрискол издаде соопштение во кое негира дека таа е „агент на Руската Федерација“. Тој ја опиша како руска државјанка која дошла во САД на студентска виза.
Во април, Одделот за финансии на САД го санкционираше Торшин и 16 други виши руски претставници како одговор на „низата непријателски активности низ целиот свет“.
Facebook Forum