САД се соочуваат со ризик од можна рецесија, јави Асошиетед прес.
Според извештајот, ова е првпат по големата финансиска криза во 2007-та година, да се појавуваат знаци дека инвеститорите губат надеж во стабилноста на американската економија.
Знаците на мало затоплување на односите меѓу САД и Кина, вчера доведе до покачување на берзите, иако денес состојбата се врати на старо.
Несигурноста околу тоа што ќе се случи следно во трговската војна меѓу двете најголеми економии, може да ги алармира бизнисот и потрошувачите да почнат да ги кратат трошоците. Потрошувачката на граѓаните претставува 70 проценти од економската активност во САД.
Асошиетед прес јавува дека тоа може да доведе до ситуација кога компаниите ќе почнат да кратат на вработувања што, исто така, ќе и` нанесе дополнителна штета на економијата.
Овој пазарен феномен ги погоди банките, а економистите очекуваат поголемо кратење на каматните стапки со цел да се справат со економскиот застој.
Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен денес објави дека пет големи економии се во ризик од рецесија.
Најновите информации покажуваат дека и германската економија, која претставува четврта најголема во свет, забавила три месеци до јуни.
„Суштината е дека германската економија е на раб на рецесија“, изјави Ендрју Кенингам, главен економист за Европа во „Капитал економикс“.
Инвеститорите велат дека се длабоко загрижени за ваквата ситуација, додека многумина од менаџерите во големите банки во САД очекуваат глобална рецесија во наредните 12 месеци.
Претседателот на САД Доналд Трамп многу пати досега ги критикуваше Федералните резерви дека не ги кратат каматните стапки доволно брзо.
„Мора да ги кратат каматните стапки повеќе и побрзо“, напиша Трамп на Твитер.
Facebook Forum