Линкови за пристапност

Убиениот во судирите во Портланд бил поддржувач на групата „Патриотска молитва“


Човекот кој беше фатално застрелан во Портланд, Орегон, за време на судирите на поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп и демонстрантите од движењето „Црните животи се важни“, бил поддржувач на десничарската група наречена „Патриотска молитва“.

Основачот на оваа група, Џои Гибсон, од 2016 година постојано одржува про-Трамп митинзи во Портланд и во други градови. Настаните ги привлекоа контрапротестите од целиот регион и ги зголемија тензиите во Портланд долго пред да започнат протестите на „Црните животи се важни“, кои траеја скоро 100 дена поради убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд.

Жртвата беше идентификувана како Арон „Џеј“ Даниелсон од Портланд. Фотографиите направени од телото покажуваат дека тој носел капа на групата „Патриотска молитва“. Полицијата објави неколку детали и упати апел до јавноста во неделата за доставување на какви било информации за пукањето.

Даниелсон исто така се водел под името Џеј Бишоп, се вели во соопштението на Фејсбук страницата на групата „Патриотска молитва“.

Гибсон, еднократен кандидат во Сенатот, ја основаше Патриотска молитва во 2016 година. Во минато интервјуа за „Асошиејтед Прес“, Гибсон рече дека тој и неговата група не се група на омраза и едноставно сакаат да ја искористат својата слобода на говор без мешање од левичарски групи или демонстранти.

Групата стана видливо присутна во Портланд во летото 2017 година, кога Гибсон организираше голем митинг во градот за помалку од една недела, откако бел врховист фатално прободе двајца мажи кои застанале во одбрана на двајца афроамерикански тинејџери - вклучително и еден кој имал муслиманска покривка на главата.

„Патриотската молитва“ одржа неколку други маршеви и митинзи во Портланд во 2017 и 2018 година и Гибсон беше уапсен во немири минатото лето под обвинение поврзано со тепачка што избувнала меѓу приврзаници на групата и левичарски активисти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG