Линкови за пристапност

Продолжуваат антирасистичките протести


Протестите против полициската бруталност и повиците за расна еднаквост е планирано да продолжат и денеска, три недели по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минесота и неколку дена откако полицијата го застрела Рајшард Брукс во Атланта.

Демонстрациите денеска предвидуваат марш во главниот град на Џорџија и собирање на демонстрантите во паркот Лафајет, наспроти Белата куќа, каде пред две недели полицијата насилно ја расчисти мирната толпа непосредно пред претседателот Доналд Трамп да излезе за да се фотографира пред црква во непосредна близина.

Исто така, Советот за човекови права на Соединетите Американски Држави треба да одржи итна расправа во среда „за тековните расно инспирирани кршења на човековите права, систематскиот расизам, полициската бруталност и насилството против мирни демонстранти“.

Во неделата се одржаа протести во повеќе градови, вклучително и во Вашингтон, Њујорк, Лос Анџелес, Атланта и Мајами.

Началничката на полицијата во Сиетл, Кармен Бест, изјави за телевизијата Ес-Би-Си во неделата, дека се надева полицајците да можат да се вратат назад во дел од градот што го презедоа мирните демонстранти, без да прибегнат кон „нешто што би можело да прерасне во присилување“.

Демонстрантите прогласија „Автономна зона на Капитол Хил“. Организаторите велат дека сакаат соседство без полиција. Огромен мурал со натпис „Црните животи се важни“ се протега на главната сообраќајница во областа.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги нарече „грди анархисти“ и рече дека градот треба „да ја врати“ зоната.

Но, градоначалничката Џени Дуркан рече дека зоната не претставува закана за јавноста. Сепак, рече дека зоната ќе биде вратена во градот.

Маршевите против расизмот поттикнати од смртта на Флојд продолжија во текот на целиот викенд во некои од големите европски градови.

Демонстрантите во Берлин формираа колона долга девет километри, започнувајќи од Бранденбуршката капија, додека во Париз протестираа околу 15.000 луѓе.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во неделата дека за „расистичкото насилство“ нема место на британските улици откако десничарските екстремисти ги нападнале демонстрантите против расизмот. Уапсени се околу 100 луѓе.

Се протестираше и во Токио, а илјадници демонстранти во неделата во Нов Зеланд се собраа пред американскиот конзулат.

XS
SM
MD
LG