Линкови за пристапност

Минеаполис се збогуваше со Џорџ Флојд, за утре најавен голем протест во Вашингтон


За разлика од претходните денови, интензитетот на протестите ширум САД синоќа беше намален

Протестите поради смртта на Џорџ Флојд беа главно мирни во големите градови во САД во четвртокот навечер, а беа пријавени помалку инциденти проследени со насилство.

За разлика од претходните денови, интензитетот на протестите беше намален, вклучително и во Њујорк, каде демонстрациите продолжија и по полицискиот час, како и во Вашингтон.

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баусер соопшти дека е укинат полицискиот час во градот, иако не беше јасно од нејзината изјава дали промената ќе биде постојана.

Воената полиција и единиците за спроведување на законот од неколку сојузни агенции се на задача во Вашингтон, а нивното присуство е извор на несогласувања меѓу градските власти и сојузната влада.

„Сакаме војниците да бидат надвор од државата, надвор од Вашингтон“, рече Баусер.

Градските власти побараа федералниот одговор на протестите да не се протега подалеку од областа околу Белата куќа и плоштадот Лафајет во непосредна близина.

Двајца припадници на Националната гарда беа повредени во Вашингтон во четвртокот вечерта за време на грмотевици и обилен дожд по удар на гром во паркот Лафајет, близу Белата куќа, објави „Вашингтон пост“.

Тие биле однесени во болница со сериозни повреди, но според портпаролот на градската противпожарна служба, повредите на биле животнозагрозувачки.

Немало повредени меѓу стотиците демонстранти собрани таму.

Се очекува голем протест во сабота во Вашингтон.

Претходно во четвртокот, во Минеаполис се одржа комеморативен собир посветен на Флојд каде присутните споделија спомени на него како посветен татко и семеен човек. Службата во Минеаполис, е прва од неколкуте кои ќе следат.

На службата во четвртокот во Минеаполис присуствуваа активистот за граѓански права Џеси Џексон, сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, неколку членови на Конгресот и познати личности, вклучувајќи ги Лудакрис, Кевин Харт, Тифани Хадиш и Т.И.

Во еден момент, публиката во Северно-централниот универзитет застана во тишина осум минути и 46 секунди - токму толку време колку што полицаец Дерек Човин клечеше на вратот на Флојд.

„Приказната за Џорџ Флојд е приказна за црните луѓе. Бидејќи уште од пред 401 година, причината зошто никогаш не би можеле да бидеме тоа што сакавме и тоа што сонувавме е затоа што го држиш коленото на нашиот врат“, рече активистот за човекови права Ал Шарптон. „Време е да застанеме во име на Џорџ и да речеме:„ Тргнете го коленото од нашиот врат! ““

Тој рече дека е време оние во американскиот правосуден систем да престанат да „даваат изговори и празни ветувања“.

Филонис Флојд, еден од браќата на Џорџ Флојд, раскажуваше за игрите во детството и рече дека е зачуден од бројот на луѓе што дојдоа да го споменуваат Џорџ Флојд.

Шарптон најави марш во Вашингтон што ќе се одржи на 28 август - 57 години од денот на истотискиот марш со Мартин Лутер Кинг и неговиот легендарен говор „Имам сон“.

Исто така во четвртокот, членовите на Демократскиот каукус во Сенатот одржаа молк од 8 минути и 46 секунди во чест на Флојд.

Илјадници демонстранти излегоа на протести и во поголемите градови низ целиот свет, вклучувајќи ги Париз, Лондон, Сиднеј и Рио де Жанеиро.

Градоначалниците на неколку големи американски градови, вклучително и Лос Анџелес, Сан Франциско и Сиетл, го укинаа ноќниот полициски час.

Во меѓувреме, судијата во округот Хенепин, Минесота, во четвртокот изрече кауција од 750.000 американски долари за тројцата полицајци кои стоеја додека полицаецот Човин клечеше на вратот на Флојд.

Човин беше обвинет за убиство од втор степен. Тројцата полицајци се обвинети за помагање.

Двајца членови на Конгресот поднесоа предлог-закон за ограничување на она што е познато како квалификуван имунитет, така што жртвите на злоупотреби на граѓанските права ќе можат полесно време да ги тужат полицајците на суд.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG