Линкови за пристапност

Завршни аргументи во случајот Манафорт


Поранешниот менаџер на кампањата на претседателот на САД Доналд Трамп, Пол Манафорт, се соочува со 18 обвиненија, меѓу кои, затајување на данок

Обвинителот во случајот на Пол Манафорт, поранешниот менаџер на кампањата на претседателот на САД Доналд Трамп, денеска истакна дека лагите доминирале во секојдневието на Манафорт, а неговиот животен стил го опиша како „раскошен“.

„Господинот Манафорт лажел за да задржи повеќе пари кога ги имал, а лажел и за да добие повеќе пари кога ги немал“, изјави обвинителот Грег Андрес пред 12-члената порота, во судница во Вирџинија, во завршните аргументи во случајот за даночна и банкарска измама.

Обвинителството и одбраната ќе ја сумираат својата страна во случајот на 69-годишниот Манафорт, пред поротата составена од шест мажи и шест жени.

Манафорт се соочува со 18 обвиненија. Тој „не платил даноци на приход од преку 15 милиони долари, а тоа се пари за кои владата тврди дека ги употребил за одржување на огромните домови, костуми, јакни, електроника и други скапи производи.

Владата тврди и дека голем дел од тие средства дошле од лобирањето на Манафорт за поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој по протестите во Киев во 2014-та година, мораше да се повлече од функцијата, пред да побегне во егзил во Русија.

Обвинителот Грег Андрес, кажа дека „кога пред четири години дотокот на пари од Јанукович пресушил, својот луксузен животен стил Манафорт го финансирал обезбедувајќи околу 20 милиони долари во банкарски заеми во САД, со тоа што на апликациите за добивање заем, лажел за средствата и долговите.

Доколку биде осуден, Манафорт се соочува со долга затворска казна. За следниот месец има закажано и друго судење за поврзани обвиненија.

Тимот на специјалниот советник Роберт Мулер, изминативе две недели презентираше аргументи против Манафорт, обвинувајќи го дека крие милиони долари во „офшор“ сметки, а коишто ги заработил додека лобирал за Јанукович, пред да се приклучи на кампањата на Трамп.

Во меѓувреме, и натаму трае истрагата на Мулер за тоа дали кампањата на Трамп била поврзана со Русија, со цел да му се помогне на актуелниот претседател да победи на изборите и за тоа дали Трамп како претседател, го прекршил правото, со тоа што се обидел да ја спречи истрагата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG