Линкови за пристапност

Њујорк тајмс: Белата куќа се залага за директни разговори со Талебан


Според весникот, потегот претставува значителна промена во политиката на САД во Авганистан

Претседателот на САД Доналд Трамп на „највисоките дипломати“ во државата им наложил да бараат „директни разговори“ со Талебан, со цел, „поттикнување“ на преговорите со милитантната група, во надеж дека ќе стават крај на 17-годишната војна во Авганистан, се вели во напис на Њујорк тајмс.

Според весникот, потегот претставува „значајна промена во американската политика во Авганистан“.

Чекорот е потврден од „неколку виши американски и авганистански официјални лица“, се додава во написот. Во моментов нема коментари од Белата куќа или Стејт департментот.

Американскиот генерал Џон Николсон, командант на меѓународните сили во Авганистан, изрази поддршка за мировните напори во земјата.

Американски владини претставници неодамна беа во посета на Авганистан и Пакистан, а според Њујорк тајмс, во фокусот биле разговори со „главните играчи“ во двете земји, како подготовка за директни разговори.

Весникот додава дека постои зголемен „консензус“ меѓу американски и авганистански официјални лица, дека единствен начин за „поттикнување на мировниот процес“ и постигнување договор за стратегија за прекин на војната, „е САД да преземат подиректни улога во преговорите“.

Талебан често инсистира на тоа дека за крај на борбите ќе разговара само со САД и нивните сојузници во НАТО, нарекувајќи ја авганистанската влада марионета на Западот.

Според Њујорк тајмс, се` уште не е одреден датум за разговорите, а мировните напори и натаму се неизвесни. Меѓутоа, како што се вели во весникот, промената во стратегијата на САД, открива „чувство на итност“, а администрацијата на Трамп смета на тоа дека „ќе стави крај на ќорсокакот во Авганистан“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG